ПРЕДДОГОВОРНО ИНФОРМИРАЊЕ

Со потпишувањето на стандардниот договор – потврда за патување (понатаму: Договор), патникот со свој потпис, во име на сите патници наведени во Договорот (понатаму: Патник), потврдува дека му се предадени овие Општи услови за патување (понатаму: Општи услови), потврдата за Гаранција за патување и однапред подготвената и објавена програма на патување (понатаму: Програма), дека тој и сите патници од договорот се запознати со нив и целосно ги прифаќаат, како и дека се запознати со можностите за дополнително патничко и здравствено осигурување.

Одредбите од овие Општи услови претставуваат составен дел од Договорот помеѓу Патникот и Туристичка Агенција Top Holidays MK како организатор на патувањето (понатаму: Организатор), и се задолжителни за двете договорни страни, освен одредбите дефинирани со посебен писмен договор или со Програмата. Преддоговорното информирање е детално определено со Програмата на патување согласно член 93 од ЗОЗП.

ПРИЈАВИ, УПЛАТИ И ДОГОВОР

Патникот ја поднесува пријавата писмено или на траен носач на податоци или преку е-пошта или факс. Патник може да се пријави за патување во седиштето, подружниците или посебните издвоени простории на Организаторот, како и во туристички агенции кои имаат склучен договор со Организаторот за посредна продажба на патувања (понатаму: Посредник).

Посредникот што нуди и продава туристичко патување е должен во Програмата и во Потврдата за патување да го наведе својството во кое настапува. Пријавата на Патникот станува полноважна кога е потврдена со склучување на Договорот, на ист начин како што е поднесена Пријавата, и со уплата на аконтaција во износ од 50% од цената на аранжманот, доколку не е договорено поинаку.

Остатокот од договорената цена, доколку не е поинаку договорено, се плаќа 15 дена пред почетокот на патувањето. Доколку Патникот навремено не ја изврши уплатата во целост, се смета дека го откажал патувањето согласно точка 12 од Општите услови. Секоја уплатена аконтација се смета како уплата за сите патници од Договорот.

Со склучување на Договорот, Програмата станува негов составен дел и не може да се менува, освен ако страните изречно не договореле поинаку или доколку измените настанат поради виша сила. Во случај на отказ или измени на Договорот, истите важат за сите наведени патници во Договорот.

За навремена уплата, меродавен е датумот кога уплатата е извршена на сметка на Организаторот или Посредникот. Во случај на ненавремена уплата, Организаторот може да се повлече од Договорот и да побара надомест согласно точка 12 од овие Општи услови.

ОБВРСКИ И ПРАВА НА ОРГАНИЗАТОРОТ

– Да ја исплати реалната разлика помеѓу договорената цена и цената на патувањето, намалена сразмерно на неисполнувањето или делумното исполнување на Договорот (понатаму: Намалување на цената), врз основа на благовремена и основана писмена рекламација – приговор на Патникот, согласно законот и овие Општи услови, освен ако пропустите во извршувањето на Договорот се предизвикани од вина на Патникот.

– Пред поаѓање на пат да ги достави името, адресата и телефонскиот број на локалниот претставник, односно локалната партнер-агенција, а доколку е потребно, и адресата и бројот на телефонот на Организаторот за итна помош на Патникот.

– Организаторот не одговора за услуги обезбедени на Патникот од други лица надвор од Програмата.

– Сите усмени информации или други видови информирања, кои се разликуваат од оние содржани во Програмата, Договорот или овие Општи услови, не го обврзуваат Организаторот и не можат да бидат основ за поднесување приговори или рекламации.

ОБВРСКИ И ПРАВА НА ПАТНИКОТ

– Да се запознае детално, како и сите лица наведени во Договорот, со Програмата, Општите услови и Гаранцијата за патување, и да ги наведе сите посебни барања кои не се опфатени со објавената Програма.

– Да обезбеди факултативни полиси за патничко осигурување, затоа што истите не се обезбедуваат од Организаторот и Организаторот не е одговорен за нив.

– Да ја плати договорената цена под условите, роковите и на начинот предвидени во Договорот.

– Да му достави на Организаторот навреме точни и целосни податоци и документи потребни за организирање на патувањето и да гарантира дека тој, неговите исправи, пртљагот и слично, ги исполнуваат условите определени со прописите на нашата земја, на транзитните и на земјата на дестинацијата.

– Да ја надомести штетата што ќе ја причини на давателите на услуги или на трети лица, со непочитување на законските прописи и овие Општи услови.

– Да определи друго лице кое ќе патува наместо него, да ги надомести трошоците за замената и солидарно да одговара за неплатениот дел од договорената цена.

– Без одлагање да поднесе оправдан приговор на лице место, по правило писмено, до Организаторот или до лицата наведени во патната документација.

– Препорачливо е Патникот пред склучување на Договорот да се информира на веб-страницата на Министерството за надворешни работи за земјите со висок или умерен ризик.

ЦЕНИ И СОДРЖИНА НА УСЛУГИТЕ

Организаторот го продава туристичкото патување по продажна цена која е изразена како единствен износ. Продажната цена може да биде изразена во денари или во странска валута. Кога цените се изразени во странска валута, а пресметката на уплатите се врши во денари, се применува официјалниот среден курс на денот на уплатата. Цените се формирани согласно деловната политика на Организаторот и не можат да бидат предмет на приговор од страна на Патникот.

Услугите кои се извршуваат во странство (кои не се претходно договорени и платени), Патникот ги плаќа на лице место директно на давателот на услугите.

Продажната цена од Договорот ги содржи сите трошоци кои претставуваат неопходен и неразделен дел за реализација на туристичкото патување, и вклучува однапред подготвена и објавена комбинација од најмалку две услуги од просечен квалитет, вообичаени за конкретната дестинација и објекти, а тоа се: сместување, исхрана, превоз, трансфери, редовни услуги на локален претставник, подготовка и организација на патувањето. Сето тоа е изразено како единствен износ што го плаќа Патникот (понатаму: Стандардни услуги).

Цената на аранжманот не ги вклучува, доколку поинаку не е договорено (понатаму: Посебен договор), следниве трошоци: локален туристички водич, специјални услуги на претставникот на организаторот, туристички аниматор, факултативни програми, користење лежалки и чадори, добивање визи, влезници за објекти и манифестации, патничко и пртљажно осигурување, room service, мини бар, клима уред, рекреативни и лекарски услуги, телефонски услуги, резервирање специјално седиште во превозното средство, доплата за еднокреветна соба или соба со специфични карактеристики, дополнителни оброци и други услуги.

Посредникот не е овластен да склучува Посебни договори во име на Организаторот, доколку тие не се предвидени со Програмата.

Условите за попусти за деца и други поволности кои се наведени во Програмата се утврдени од страна на давателите на услуги и треба да се толкуваат рестриктивно. Во случај на погрешно наведена возраст на Патникот, Организаторот има право да ја наплати разликата до полната цена.

Во цената исто така не се вклучени услуги кои се извршени дополнително од страна на странски партнери или директни даватели на услуги, а кои не биле предвидени со Програмата или со Посебен договор, како и учеството на Патникот во спортски или други активности.

Ако Патникот во предвидениот рок не го извести Организаторот писмено дека се откажува од Договорот, се смета дека е согласен со новата цена, што може да се потврди и преку извршена уплата.

ПРОМЕНА НА ЦЕНАТА И ПРАВО НА ОТКАЗ

Организаторот може да ја зголеми договорената цена од Договорот за организирање на патување, доколку тоа право е предвидено во Договорот и доколку е предвидено дека Патникот има право на намалување на цената. Организаторот може да ја зголеми цената, односно Патникот може да бара намалување на цената во следниве случаи:

1) промена на цената на превозот на патници, која настанала поради промена на цената на горивото или други извори на енергија;
2) промена на постојни такси или воведување нови такси, вклучувајќи туристички такси, аеродромски такси, такси за пристаништа и слично;
3) промена на девизниот курс што се однесува на туристичкото патување.

Доколку зголемувањето на цената изнесува повеќе од 8% од вкупната цена на патувањето, Организаторот не смее еднострано да ја промени цената.

Независно од висината на зголемувањето, тоа ќе биде дозволено само доколку Организаторот го извести Патникот на јасен и недвосмислен начин и достави документирано образложение со пресметка за зголемувањето. Ова известување мора да му биде доставено на Патникот на хартија или електронски, со потврда за прием, најмалку 20 дена пред почетокот на патувањето.

Доколку Договорот предвидува можност за зголемување на цената, Организаторот е должен да му овозможи на Патникот право на намалување на цената, сразмерно намалувањето на трошоците што настанале по склучување на Договорот, а пред почетокот на патувањето.

Во случај на намалување на цената, Организаторот има право да ги задржи административните трошоци од износот што треба да му биде вратен на Патникот, под услов Патникот да побара доказ за тие трошоци.

Доколку Патникот во рок од 48 часа писмено не го извести Организаторот дека ја прифаќа измената на договорената цена, се смета дека Договорот е раскинат. Подоцнежните намалувања на цените, без наведени причини, не можат да се применат на веќе склучени Договори и не можат да бидат основ за приговор на Патникот.

КАТЕГОРИЗАЦИЈА И ОПИС НА УСЛУГИТЕ

Сите услуги наведени во Програмата подразбираат стандардни услуги од просечен квалитет, кои се вообичаени и специфични за одредена дестинација, место или објект. Доколку Патникот бара услуги надвор од Програмата, потребно е да се склучи Посебен договор.

Организаторот не одговара за описите на услуги наведени во каталози, публикации или на веб-страниците на директните даватели на услуги (хотели, превозници и други лица), освен доколку Патникот не бил изрично упатен на нив. Организаторот одговара исклучиво за описите на услугите наведени во своите Програми или на својата официјална веб-страница.

Сместувачките капацитети, транспортните средства и другите услуги се опишани според службената категоризација на земјата во која се наоѓаат, важечка во моментот на објавување на Програмата. Категоризацијата може да се разликува по дестинации и не е директно споредлива, дури ни во рамки на истата дестинација.

Квалитетот на исхраната, удобноста и нивото на услуга зависи првенствено од цената на аранжманот, избраната дестинација и локалните прописи. Истото важи и за квалитетот на транспортните средства.

Датумот на почеток и завршување на патувањето не подразбира целодневен престој на Патникот во сместувачкиот објект или на дестинацијата. Времето на поаѓање или пристигнување, како и влегување и напуштање на сместувачката единица, зависи од граничните процедури, состојбата на патиштата, дозволите на надлежните органи, технички или временски услови, или виша сила, врз кои Организаторот нема влијание.

Првиот и последниот ден од Програмата се предвидени за патување и не подразбираат престој во хотелот или на дестинацијата. Затоа Организаторот не одговара за вечерни, ноќни или рани утрински летови, доцно влегување во соба, рано напуштање на хотелот и слично.

За авионски аранжмани, почетокот на патувањето е состанокот на аеродромот, кој е најмалку 2 часа пред објавеното време на полетување од страна на авио-компанијата. Во случај на промени во терминот на полетување, Организаторот не сноси одговорност – важат националните и меѓународните прописи од областа на авио-сообраќајот.

Услугите на туристички водич, придружник, локален водич, аниматор или локален претставник не подразбираат нивно постојано присуство, туку контакт и неопходна помош на Патникот во однапред утврдени термини.

Доколку поради околности надвор од контролата на Организаторот, летот или превозот мора да биде пренасочен на друг аеродром или друга локација, Организаторот е должен да му понуди на Патникот алтернативен превоз без дополнителни трошоци, како и да ја исплати разликата во цената доколку е применливо.

Кога трето лице стапува на местото на претходно резервираниот Патник, Организаторот има право да наплати трошоци за извршената промена. Патникот и лицето што го заменува солидарно одговараат за договорената цена и трошоците. Организаторот не е должен да ја прифати замената ако промената е неблаговремена или правно невозможна.

СМЕСТУВАЊЕ, ИСХРАНА И ПРЕВОЗ

8.1. Сместување

Патникот ќе биде сместен во било која службено регистрирана сместувачка единица во објектот наведен во Програмата, без оглед на особеностите на Патникот, локацијата, спратноста, близината до бучава, паркинг и други карактеристики.

Трокреветните и четирикреветните сместувачки единици (соби, студија, апартмани и др.) се определуваат според категоризацијата и прописите на локалната држава.

Организаторот не одговара за штета која ќе настане поради непочитување на законските прописи, правилата и обичаите утврдени од страна на превозниците, хотелите и другите даватели на услуги.

Патникот е должен да се запознае и да ги почитува правилата на сместувачкиот објект, особено во врска со: чување пари и вредности, внесување храна и пијалоци во собите, почитување на редот, времето за влез и излез од собата, број на лица во сместувачка единица итн. Организаторот не одговара за штети кои би произлегле поради непочитување на овие правила.

8.2. Исхрана

Разновидноста, квалитетот на храната и начинот на сервирање зависат од цената на аранжманот, категоријата на сместувачкиот објект, дестинацијата и локалните обичаи, без оглед на тоа дали исхраната е по систем на самопослужување или сервисирање по мени.

Услугата „all inclusive“ и сите други специфични услуги се вршат според внатрешните правила на хотелот и не мора да бидат идентични, дури и во рамките на истата категорија на истата дестинација. Организаторот го има информирано Патникот во писмена форма за содржината на „all inclusive“ услугата.

Доколку не е поинаку наведено во Програмата, појадокот подразбира континентален појадок.

Доколку е пополнетоста на хотелот под 30%, можно е наместо самопослужување да се служи исхрана по мени, доколку тоа е предвидено со Програмата.

Условите за исхрана во сместувачкиот објект се исти без оглед на тоа дали патуваат деца, стари лица или лица со посебни потреби. Доколку Патникот на лице место постигне договор директно со давателот на исхрана, Организаторот не сноси одговорност за таквата услуга.

8.3. Превоз

Доколку не е поинаку договорено, превозот и трансферите се вршат со стандардни туристички автобуси или други средства, според прописите и критериумите што важат во земјата каде што е регистриран превозникот. Се применуваат правилата утврдени од страна на превозникот (нумерирање на седишта, оброци, пијалаци и слично).

Организаторот може да ангажира различни типови туристички автобуси (високотуристички, двокатни и сл.), како и други превозни средства, доколку околностите го бараат тоа.

Тоалетите во автобусите по правило не се во употреба, освен доколку изрично не е дозволено. Патникот е должен да ја надомести штетата доколку истата е предизвикана со негова вина.

Патникот е должен пред поаѓање да ги провери личните документи и пртљагот. Во случај на неправилности, да го извести водичот.

Патникот мора да се однесува соодветно во превозното средство и да ги почитува сообраќајните прописи. Организаторот има право да го исклучи Патникот од превоз, во присуство на полиција, доколку се однесува недолично. Понатамошниот превоз тогаш не е обврска на Организаторот.

Возачот и водичот го одредуваат патниот правец, рутата, паузите и времетраењето на паузите.

При авионски патувања, сите прописи и одговорности ги регулира авио-превозникот. Организаторот не сноси одговорност за промените во термините, изгубени карти, ненавремено издавање документи и слично.

Превозот со авион, железница, брод или друго средство е директна одговорност на превозниците, согласно нивните правила и меѓународни прописи.